Министерката за правда, Рената Дескоска, информира дека Владата на вечерашната седница препорачала Судскиот совет и Врховниот суд да ја разгледаат можноста за носење на одлука за одложување на судењата.
-Со исклучок на предмети кај кои постои потреба од итност на постапување, како што се предмети кои се пред застарување, предмети во кои се изречени мерки притвор или други мерки за обезбедување на присуство, како и предмети во кои сериозно би било нарушено правото на судење во разумен рок, предмети кои се стасани до изрекување пресуда, предмети за кои се одлучува без јавна расправа и сл.
За предметите за кои би продолжиле судските постапки, како и за сите други активности на судовите потсетуваме дека истите треба да бидат организирани во соодветен простор, со максимална употреба на информатичко-комуникациските средства и со доследно почитување на упатствата на Министерството за здравство за дезинфекција на просториите и заштита на сите вработени и учесниците во постапките, вели министерката Дескоска.