Владата со интервентна набавка го решава проблемот со државни испити

by Фокус

Бирото за јавни набавки издало согласност за Генералниот секретаријат на Владата да спроведе интервентна постапка ( постапка со преговарање без јавен оглас) за ангажман за компанија за спроведување на државни испити за институциите кои имаат таква потреба, откако беше раскинат договорот со „Инвока Груп“, која е дел од истрагата за спорна набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци, каде првосомничен е поранешниот владин генерален секретар Драги Рашковски.

Откако на седница на Влада беше донесен заклучок за спроведување на интервентна набавка, сега добивме таква согласност од Бирото за јавни набавки, по што треба да се склучи договор со соодветна компанија. На тој начин треба да се покрие периодот додека се спроведе редовна постапка за оние институции кои имаат потреба за спроведување на испити – вели во изјава за Фокус Мухамед Зеќири, актуелен генерален секретар на Владата.

Моментално, итна потреба за државни испити има Академијата за судии и јавни обвинители, која извести дека интензивно се работи на подготовка за полагањето на практичниот дел од испитот и се очекува да се полага кон крајот на неделата. Според Зеќири, ваква потреба има и Министерството за транспорт и врски за тестирања за издавање на одредени дозволи на транспортерите. Сепак, една институција јавила дека се повлекува од групната набавка.

Инаку, владиниот Генерален секретаријат во времето кога со него раководеше Рашковски склучил два двегодишни договори со „Инвока Груп“ за превентивно и адаптивно оддржување на софтверот за полагање на испити во државни институции. Притоа, првиот е склучен во 2018 година на сума од 5,5 милиони денари, а вториот е склучен во 2020 година на износ од 9,2 милиони денари. Станува збор за таканаречени групни набавки, со кои се опфатени 14 институции во 2018, односно 13 институции во 2020 година.

Меѓутоа, Владата пред неколку дена го раскина дотогаш важечкиот договор со „Инвока Груп“, која неодамна извести дека не е во можност да спроведува тестирања, бидејќи им биле запленети компјутери во рамки на истрагата што ја отвори Јавното обвинителство за тендерот што оваа компанија го доби за софтвер за детекција на сообраќајни прекршоци. Како што соопшти обвинителството, Рашковски влијаел техничката спецификација за оваа набавка да се изготви според негов патент.

В.С.

Поврзани новости