Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно и согласно Законот за енергетика загарантирана е јавната дејност да се врши во целост без прекин, порачаа денеска во соопштение од Владата, откако компанијата БЕГ – Производство соопшти дека нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија.
– Владата континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена, велат во соопштение од Владата.