Во изминатите пет години Владата успеа да ја врати слободата во општеството, вербата во институциите и да ја зајакне меѓусебната граѓанска почит, изјави на денешната прес-конфереција владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање за најновиот извештај на „Фридом хаус“ за напредокот на нашата држава.
– Република Северна Македонија продолжува да гради слободно и демократско општество, во кое на прво место се почитувањето и заштитата на правата на секој граѓанин, додаде Арсовски.
Тој нагласи дека овој Извештај се однесува на подолг период, односно опфаќа и дел од периодот пред 2017 година, пред формирањето на Владата предводена од СДСМ, кога, како што рече, сите бевме сведоци дека имавме сериозни назадувања во политичките процеси, предавањето на власта и во справувањето со корупцијата.
Арсовски посочи на подобрениот рејтинг на владеењето, кој според Извештајот е бележи раст.
– Дополнително Република Северна Македонија е посочена како земја која го има задржано либерално демократскиот развој во 2021. Остануваме на целта за постигнување подобри резултати и обезбедување на општество во кое се почитуваат граѓанските вредности, права и слободи, нагласи Арсовски.