Владата склучувала договори за поддршка на фирми на три дена пред избори

by fokus

Владата склучувала договори за финансиска поддршка на компании до вчера, 14ти октомври, односно три дена пред локалните избори. Компаниите парите од овие договори ќе ги добијат најдоцна до 25 декември.

Од Владата ова го оправдуваат со тоа што согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, роковите за склучување на Договори за финансиска поддршка за инвестиции кои се реализирани во 2020 година, бил најдоцна до 14 октомври 2021 година.

-Апликацијата на компаниите за склучување на Договори за финансиска поддршка започна уште во април годинава, согласно одредбите на Законот и заврши заклучно со 16 август. Компаниите кои ќе склучат Договори за финансиска поддршка заклучно со 14 октомври, согласно одредбите на ЗФПИ можат да поднесат барања за исплата на финансиска поддршка за реализирани инвестиции во 2020 година, најдоцна до 15 ноември 2021 година, а исплатата ќе се реализира најдоцна до 25 декември 2021 година, велат од Владата за „Фокус“.

Според толкувањето на Владата, Изборниот законик не е прекршен, бидејќи одлуката ќе стане јавна кога тоа ќе биде дозволено согласно законските одредби.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека ова флагрантно кршење на Изборниот законик и институционален поткуп за што следува одговорност.

-Зоран Заев и сите членови на Владата денес треба да знаат дека со гласањето на оваа точка на Владата прават кривично дело за кое ќе одговараат. Со ова се крши член 8а од Изборниот законик, чиј ст. 1 и 2 најстрого забрануваат исплаќање буџетски средства во тек на кампања, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Чл. 8-а ст.1 т.3  од Изборниот законик гласи:

„Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови што не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори.

Член 8 ст.2 т.1 забранува да се исплаќаат субвенции што не се редовни месечни исплати во периодот од 20 дена пред почнување изборна кампања, па до завршување на изборите.

Од Државната комисија за спречување на корупција за „Фокус“ велат дека за овој случај добиле приговор од ВМРО-ДПМНЕ и имаат рок од пет дена за да постапат. Тие доставиле барање до Владата да се произнесе, а во среда ќе имаат седница на која ќе одлучат дали Владата го прекршила Изборниот законик.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости