Владата се уште не донела одлуки за еколошка такса и намалување на ДДВ за струјата

by Fokus

Владата сè уште нема донесено одлука за воведување на еколошка такса и за намалување на ДДВ-то за струјата, но се прават сеопфатни анализи во поглед на владината еколошка агенда за зелена транзиција, инвестирање во обновливи извори на енергија и создавање на Еколошки фонд, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими, одговарајќи на новинарско прашање дали со ребалансот на Буџетот е предвидено воведување на еколошка такса од четири денари и намалување на ДДВ-то за струја од 18 на пет проценти и како тоа ќе се одрази на Буџетот.

– Не се работи за зголемување на акцизи, туку за еколошки такси, меѓу кои се опфатени и нафтените деривати. За оваа мерка Владата сè уште нема донесено одлука. Тоа е агенда усвоена во ЕУ, тоа е Париската агенда за зелен раст, а исто така и делот на зелената агенда на Западен Балкан што минатата година во октомври исто така беше усвоена и препорачана од страна на ЕУ. И ние сме ја прифатиле како Влада. Откако ќе се направат сеопфатни анализи, ќе следат консултации со стопанските комори, како и со другите чинители кои се засегнати со мерка, а потоа ќе донесеме одлука. Исто ќе постапиме и во однос на намалувањето на ДДВ-то за струјата. Ние ги следиме трендовите и барањата на граѓаните, а по анализите и дискусиите со опфатените со мерката, ќе донесеме одлука, рече Бесими.

Тој не потврди дали овие мерки ќе се најдат во ребалансот на Буџетот и ќе почнат да важат од 1 јули.

– Се уште немаме донесено одлука на Влада, потенцира Бесими.

Поврзани новости