Владата се сретна со синдикатите – дефинирале предлози за финансиска поддршка за платите на работниците

by Frosina Fakova

Владата денеска соопшти дека заедно со синдикалните организации дефинирале предлози кои се добра основа за решение за спроведување на финансиската поддршка за платите на работниците и за зачувување на работните места.

Како што се наведува во соопштението од Владата, денеска се одржа состанок со кој претседаваше премиерот, Оливер Спасовски и на кој заедно со заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори, Мила Царовска, со министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, остварија дијалог со претставниците на синдикатите и граѓанските организации за заштита на правата на работниците на кој се разговараше за уредбата за владината финансиска поддршка за исплата на платите на работниците и за спас на работните места.

– На состанокот, на кој се разговараше конструктивно со цел да се надминат разликите кои предизвикаа недоразбирање, заеднички е констатирано дека се дефинирани предлози кои се добра основа за решение во насока на заштита на работните места, отстранување на можностите за отпуштање на работниците во услови на здравствено-економската криза од коронавирусот, а во исто време решение кое ќе биде стимул за компаниите да ја искористат државната помош, посочија од Влада.

На конструктивната средба, како што истакнаа, постигната е заедничка согласност дека во иднина ќе продолжи и ќе се интензивира економско социјалниот дијалог со сите партнери во врска со следни одлуки поврзани со спречување на економските последици од кризата.

Владините и граѓанските претставници се заложиле за решавање на отворените прашања во најбрз можен рок, со цел спроведување на мерката за заштита на работните места и за редовна плата во услови на криза.

Поврзани новости