Владата се поднови со 80 компјутери, тендерот го „лапна“ нова фирма, основана лани

by fokus

Пред две недели Владата склучи договор за набавка на 40 лаптопи и 40 компјутери, како и компјутерска опрема и сервери, за кои ќе потроши 116.000 евра. Договорот е потпишан од генералниот секретар Мухамед Зеќири, а добитник на тендерот е Друштво за компјутерски софтвер, консалтинг, посредување, производство, трговија и услуги ИТ СОЛУТИОН М од Долна Бањица, Гостивар.

Од Владата за „Фокус“ посочуваат дека компјутерите се потребни за вработени во Генералниот секретаријат и во канцеларијата на премиерот.

-Согласно Планот за јавни набавки од 2021 година, а врз основа на барање од надлежниот сектор и одлука за набавка, спроведена е постапка за набавка за информатичка опрема. Компјутерите се потребни за вработените во Генералниот секретаријат и Канцеларијата на Претседателот на Влада на Република Северна Македонија, ни одговорија од Владата.

Според објавените податоци на сајтот на Бирото за јавни набавки може да се види дека на тендерот учествувале четири компании, а од Владата потенцираат дека ја избрале понудата со најниска цена.

-За набавката на персонални и преносни компјутери четири понудувачи имаат поднесено понуди. Во фаза на евалуација двајца понудувачи се поканети на електронска аукција, останатите двајца се отфрлени.
По завршување на електронската аукција даден е предлог за избор на најповолната понуда, односно најниска цена, велат од Владата.

Падатоците од Централниот регистар покажуваат дека фирмата која го „лапна“ тендерскиот колач била регистрирана минатата година, поточно во мај 2020 година.

В.В.

Поврзани новости