Премиерот Христијан Мицкоски напиша на социјалните мрежи дека наплатата од патарини е зголемена и дека тоа е резултат на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која работи домаќински и чесно, а не на зголемениот проток на возила поради годишните одмори.
На наплатните рампи во Јули 2024 година има промет од 470.194.563 денари, односно 7,6 милиони евра што е повеќе за цели 16.071.251 денари или 260.000 евра споредено со истиот период лани.
„Нормализирањето на состојбите во државата значи домаќинско работење, базирано на чесност и принципи. Затекнавме држава во хаос, се бориме да направиме ред и доследност.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Трајановски ме извести дека на наплатните рампи во Јули 2024 година има промет од 470.194.563 денари што е повеќе за цели 16.071.251денари, споредено со истиот период лани.
Овие пари постоеле и минатата година, само разликата е што не завршувале во касата на државата, каде сега од тие пари градиме градинки, училишта, патишта. Инвестираме во болници, нови работни места.
Разликата е во тоа што се работи домаќински и одговорно. Опозицијата води политика на ситни страсти и со целосна безидејност критикува колку да критикува, но тоа нема да не поколеба да го поправиме тоа што тие го расипаа. Исполнуваме за секој еден човек. Државата на народот“, објави Мицкоски.
Ова доаѓа еден ден по интервјуто на министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска која вели дека голем притисок врз Буџетот прави исплатата на кредити за одредени јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост коишто не се во состојба да ги вратат парите, меѓу кои и Јавното претпријатие за државни патишта од чија сметка се финансира и загубарот „Македонија пат“.
– Станува збор за сериозна тежина којашто се прави врз Буџетот од исплатата на гаранциите, затоа што поради корупција и криминал некои претпријатија се уништени и сето тоа паѓа на товар на државата. И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравство, образование и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат.
На пример само за ЈПДП годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една, потенцира Димитриеска-Кочоска во гостувањето во централниот дневник на националната телевизија.
Орце Костов