Законот за вториот дел од милијардата на Орбан е веќе во собраниска процедура. Законот според кој ќе се осигураат 500 милиони евра заем од Унгарската развојна банка треба да биде донесен по итна постапка и со него ќе се врати еврообврзница од 2018 година која доспева во јануари 2025 година.
– Владата го задолжи Министерството за финансии да подготви и достави барање до Унгарската експорт – импорт банка за обезбедување на втор заем во износ од 500 милиони евра, кој ќе биде наменет за буџетско финансирање и финансирање на општи цели. Постапувајќи по горенаведениот заклучок, Министерството за финансии на 1.11.2024 година подготви и достави барање до Унгарската експорт – импорт банка за обезбедување на вториот заем. Унгарската експорт – импорт банка достави нацрт текст на Договорот за заем и преговорите по однос на истиот се завршени на 10.12.2024 година – се посочува во законот доставен во Собранието.
Премиерот Мицкоски посочи дека новото задолжување од 500 милиони евра од Унгарија ќе биде наменето за раздолжување.
– Ќе ја затвориме оваа зделка кога ќе биде потребна, а тоа е сега, затоа што на 25 јануари истекува рочноста на еврообврзницата која е земена во 2018 година од претходната влада и потребни се 500 милиони евра да се врати таа еврообврзница – објасни Мицкоски но не кажа дали на меѓународниот пазар на пазар има или нема поевтин заем од унгарскиот.
Вкупниот износ на заемот кој ќе го додели Унгарската експорт – импорт банка изнесува 500 милиони евра. Условите за заемот се слични на претходната позајмица, целиот кредит треба да се повлече во една транша. Рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.
Предлагачите предлагаат законот да се носи по скратена постапка, а неговата исплата ќе биде преку Буџетот на Република Северна Македонија.
Орце Костов