Оваа влада инсистира да се креираат тензии со вакви одлуки на параполитички институции, а такви тензии не ни требаат, рече Арбр Адеми од ДУИ кој вечерва на прес-конференција се обрати пред Уставниот суд по одлуката за укинувањето на „балансерот’.
Тој рече тензиите не ги продуцира ДУИ туку власт со вакви сценарија, па наместо Уставниот суд да биде бранител, уставните судии креирале неуставни одлуки и биле реализатори на политичката агенда на власта.
Според него, следните чекори на ДУИ се „сите демократски механизми на располагање и опции за делување“, вклучувајќи и протести, но се уште не се разгледани на дневниот ред на партиските органи.
Адеми побара реакција од меѓународната заедница.
-Се собравме да ја осудиме шокантната одлука на Уставниот суд за забрана на изјаснување на етничката припадност. Оваа одлука претставува директен напад врз правата на заедниците во Македонија и ќе има сериозни последици за правично и еднакво функционирање на институциите. Декларирањето на етничката припадност е неотуѓиво право и неопходен елемент за да се обезбеди правична застапеност на сите заедници. Преку оваа одлука се удира на принципот на еднаквост. Одлуката за забрана на етничката припадност не е изолиран чекор. Тоа има широки и длабоки последици, вклучително и елиминирање на можноста институциите да го рефлектираат мултиетничкиот состав на нашата држава, рече Адеми.