Владата и порача на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности дека треба да преземе дел од вината за медиумскиот хаос кој владееше во Македонија изминативе години. Со остро соопштение упатено до Агенцијата, од Владата реагираат по повод демантот што АВМУ го испрати до медиумите по повод изјавата на министерот без ресор Роберт Поповски, дека Агенцијата со години не реагирала и не ги вршела надлежностите.
„Долгогодишниот молк на АВМУ е исто така причина за штетата на медиумската сфера во Република Македонија. Како регулаторно тело за медиумите во Македонија, АВМУ е директно одговорна за со години непречениот политички и финансиски диктат врз медиумите, нејасните и нерегулирани односи помеѓу операторите и медиумите, кршење на авторски права, итн“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека Агенцијата, како што велат, залудно се обидува да се скрие зад нафрлени бројки и статистики, „кои не дале никаков ефект за спречување на таквото безредие во медиумската сфера во земјава“.
„Медиумското безредие беше константно премолчувано од надлежните институции, меѓу кои првоповикана да стави ред е АВМУ, и поради тоа, согласно постигнатиот договор во Пржино, се формираше ад-хок тело за медиуми. Оттаму произлезе и потребата за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој во себе ќе ги содржи забелешките и укажувањата на професионалците од медиумската фела, со цел експерти и познавачи на медиумските состојби во државава да ги водат органите и телата на медиумските регулатори“, посочуваат од Владата.
Претходно во демантот на АВМУ по однос на изјавата на Поповски стоеше:
„ Агенцијата редовно врши мониторинг врз кабелските оператори и доколку констатира дека некој оператор реемитува нерегистрирани програмски сервиси, на истиот му изрекува мерка и му наложува веднаш да ги исклучи програмските сервиси. Истовремено, Агенцијата ги известува имателите на правата, за да можат да покренат соодветна постапка против операторот, имајќи предвид дека Агенцијата нема можност да покренува судска постапка во нивно име. Агенцијата е секогаш на располагање и отворена за соработка за сите прашања од делокругот на нејзината работа. Оттаму, непријатно сме изненадени од неаргументираните, паушални изјави чија намера е да се дискредитира работата на Агенцијата, а особено изненадува што тие се дадени од министер чија примарна задача треба да биде точно и аргументирано информирање на јавноста“, соопштија од таму.