Со пренамена на средства 44 општини добија финансиска поддршка за нови и реконструирани училишта, здравствени објекти, спортски сали, градинки, улици, проекти од областа на животна средина, култура.
Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека целта на потпишувањето на договорите помеѓу министерствата, агенциите и општините е да се покаже колку се важни граѓаните.
Ковачевски информираше дека се обезбедени две милијарди денари или 32,5 милиони евра преку пренамена на финансиски средства од буџетите на шест министерства и една агенција за вкупно 66 проекти за 44 општини во државата. Заедничка цел на централната и локалната власт, вели тој, треба да бидат потребите и интересите на граѓаните.
-Вкупно две милијарди денари или 32,5 милиони евра се обезбедени преку пренамена на финансиски средства од буџетите на шест министерства и една агенција, односно од министерствата за здравство, за образование, труд и социјална политика, транспорт и врски, култура и животна средина и просторно планирање и Агенцијата за спорт и млади. Овие пари се наменети а вкупно 66 проекти за 44 општини во државата. Се работи за проекти за реконструкција на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на училишта и на градинки, здравствени установи, спортски сали и други проекти кои во најголем дел од државата веќе имаат подготвено документација со којашто може да се отпочне со работа. Со нивната реализација овозможуваме подобра инфраструктура, поквалитетни услуги, подобро образование и здравство, како и можности за повеќе спортски активности и поголема заштита на здравјето на граѓаните, рече Ковачевски.
Во делот на културата 30 милиони денари или половина милион евра од Министерството за култура ќе се обезбедат за реализација на проектот за Дом на култура во селото Матејче во Липково.
Преку Агенцијата за спорт и млади ќе се пренаменат 114 милиони денари или скоро два милиони евра за изградба на спортски сали, терени, урбани опреми во Штип, Велес и Ѓорче Петров.
Поддршката за општините продолжува најавува премиерот.
Министерот за финансии Фатмир Бесими кажа дека е задоволен од процесот со кој им се помага на граѓаните преку развој на капиталните инвестиции.