Владата пред избори најде решение – од утре ќе се печатат лични карти

by fokus

Од утре продолжува печатењето и издавањето лични карти – Владата го одобри подзаконскиот пропис усогласен со Законот за лична карта и со Законот за употреба на јазиците, соопшти Владата по одржаната редовна 100-та седница со единствена точка на дневен ред на која била разгледана Информација за надминување на актуелната состојба во врска со издавање на обрасците на новите лични карти.

-Владата го задолжи Министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти, се вели во соопштението.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека подзаконскиот пропис ќе биде објавен уште во текот на денешниот ден во „Службен весник“, и со тоа ќе се овозможи веднаш да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања.

Граѓаните со месеци не можат да извадат или да ги обноват личните карти бидејќи Законот за лични карти е заглавен во Собрание, па можеа само да се сликаат за лична карта и да добијат потврда дека вадењето на лична карта е во процедура. Но тие потврди до неодамна не им ги признаваа банките, па дел од нив не можеа да си извадат пари. Сепак, на месец и половина пред локалните избори, на кои дел од граѓаните кои немаат ниту пасош, ниту лична карта, немаше да може да гласаат, власта најде решение за печатењето на личните карти.

Поврзани новости