По повод Светскиот ден на детето, претседателот на Владата, Зоран Заев, порача дека изминатиот период, децата биле еден од приоритетите на Владата. Тој преку социјалните мрежи порача дека во изминатиот период Владата покажала вистинска грижа за децата.
„Почнавме од почеток, таму каде децата се раѓаат. Министерството за здравство преку инвестирање во најсовремена опрема, обезбедување најдобри услови, обуки и едукација на лекарите и медицинскиот персонал во Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) овозможи европски стандарди во здравство во Северна Македонија за многу млади животи да бидат спасени. Од 2016 година до денес, смртноста кај предвреме родените бебиња е намалена од 25 отсто на 8,9 проценти и ќе продолжи да опаѓа. Министерството за труд и социјална политика во однос на заштита на правата на децата спроведува активности кои се во насока на намалување на детската сиромаштија, заштита на децата од насилство, зголемување на опфатот на децата во предучилишните установи, обезбедување услови за живеење на сите деца во средина најблиска на семејната“, стои во објавата на премиерот Заев.