СДСМ подготвува измени на Законот за заштита од пушењето, нешто што подолго време го најавуваа и за време на изборната кампања, пишува телевизијата Алсат. Според пратеникот Томислав Тунтев сепак, новото законско решение нема драматично да се разликува од сегашното. Најголеми измени ќе има за т.н. тераси, односно делови од кафулињата и рестораните каде е дозволено пушењето само кога објектот нема кров или е отворен од најмалку три страни.
„Нелогично е … Реков ситна роса зароси и тивко ветре задува, некој од гостите бара да се спушти најлонот, зашто се смениле метеоролошките услови и сега вие од тој момент од пушач треба да се претворите во непушач, само затоа што едниот најлон или едното стакло биле затворени. Ние предлагаме таму каде што е дозволено пушење да биде дозволено без оглед на метеоролошките услови.“ – изјави Томислав Тунтев-пратеник од СДСМ.
За поголеми измени, како на пример да се дозволи пушење во дел од угостителски објект дополнително ќе се размислува. Угостителите сметаат дека е добро конечно да се реши на кои тераси е дозволено да се пуши, бидејќи различните толкувања доведувале до селективни казни од инспекторите. Но, според Крсто Блажевски од ХОТАМ, посакувано е да има измени кои се однесуваат и на затворените објекти.