Владата подготвува директна парична помош за граѓаните?

by fokus

Владата денеска соопшти дека подготвува трет пакет мерки за надминување на последиците од кризата предизвикана од пандемијата со корона вирусот. Една од мерките ќе биде директна помош за граѓаните со цел јакнење на потрошувачката.

-Сите досегашни мерки се активни и доколку биде потребно, ќе се применуваат и понатаму. Во тек е подготовката на третиот пакет мерки кои ќе понуди директна поддршка и помош за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка, мерки кои ќе дадат стимул за полесно и побрзо надминување на економските последици од коронавирусот за навремено да можеме да фатиме чекор за заживување на македонската економија и нејзин динамичен раст и развој, стои во соопштението до владината прес-служба.

Во него се наведува дека на сметките на 21.542 компании ќе легнат средствата од 14.500 денари по работник за исплата на априлската плата како резултат на владината уредба за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати за април.
-Ова , како што оценуваат од Владата,е резултат само од оваа антикризна мерка на Владата како поддршка на стопанството за ублажување и справување со последиците од коронакризата која е од значителна помош за компаниите кои беа први на удар на кризата и кои ги исполнија условите, односно покажаа загуби со закана за загуба на работни места.
Во соопштението се наведува дека од вкупниот број поднесени барања, 2.377 барања се од угостителската дејност, 253  се туристички агенции (туроператори), 2.177 се од дејноста транспорт, 258 се од објекти за сместување, а 16.625 се од останатите дејности.
Со уредбата на Владата за оваа мерка можеа да аплицираат и самостојните вршители на дејност (трговец-поединец, лице кое врши земјоделска, занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење на дејност и е запишано во соодветен регистар), ним им се одобрени 5.840 барања за финансиска помош од 14.500 за исплата на плати за април.
-Грижата за секој работник и за неговото работно место беше цел и на дополнувањето на оваа уредба со што работодавачите можеа да ги вратат назад на своите работни места работниците на кои им беше прекинат работниот однос во периодот од 11-ти март до 30-ти април. Благодарение на ова дополнување до 7-ми мај, до кога беше определен рокот за ова, околу 500 работници се вратија на своите работни места, стои во соопштението.

Поврзани новости