Владата на Република Македонија, на вчерашната вонредна седница го разгледа и усвои Предлогот за изменување и дополнување на буџетот на Република Македонија за 2018 година со кој се намалуваат средства за капитални инвестиции, а се предвидуваат дополнителни средства за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување, соопштија од Владата.
„Постапката за измени и дополнувања на Буџетот за 2018 година, Владата ја иницира во овој период за да се запазат роковите согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието на РМ до 15 ноември, во случај доколку не се донесе одлука за одржување на предвремени избори“, соопшти владината прес-служба..
Според владата, вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП.
„Оваа одлука Владата ја донесе врз основа на фискалните движења кои ја создадоа потреба од минимално прилагодување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, како на приходната, така и на расходната страна на Буџетот“, се наведува во соопштението.
Исто така, на вчерашната владина седница било констатирано дека ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на буџетот е резултат на намалување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки. Имајќи го тоа предвид, Владата го усвои предлогот на Министерството за финансии расходната страна да се коригира надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.
„Се предвидува реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити, намалување на каматните расходи за 897 милиони денари, зајакнување на фискалниот капацитет на општините“, стои во соопштението.