Владата побара мислење за Фетаи, Раичевиќ и Коцевски

by fokus

Владата вчера донесе одлука да ги испрати кандидатурите за нов републички јавен обвинител на мислење во Советот на јавните обвинители.

Ова значи дека Владата побара мислење за кандидатите Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски кои се пријавени за наследници на обвинителот Љубомир Јовески.

За оваа позиција, според законот, може да конкурира лице кое има непрекинат стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија во областа на кривичното право.

На предлог на Владата конкурсот го распишува Собранието. Тој беше објавен на 29 ноември и траеше 15 дена.

Откако огласот заврши, на барање на Владата, Советот на јавните обвинители доставува негативно или позитивно мислење за пријавените кандидати. Потоа Владата доставува предлог до Собранието за избор на еден од кандидатите кој добил позитивно мислење.
Тогаш Собранието закажува расправа за гласање, а изборот се врши со просто мозинство.

Бидејќи обвинителот за најмоќната позиција во обвинителската хиерархија треба најпрвин да добие зелено светло од Владата, а потоа и од Собранието, останува неизвесно дали некои од овие тројца кандидати би бил по ,,вкус” на сегашното владејачко мнозинство.

Доколку никој не е по нивна мерка, или Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените, тогаш Владата ќе побара од Собранието да го повтори огласот.

Извори за ,,Фокус” брифираат дека е можно овој оглас да пропадне. Како пречка се посочуваат парламентарните избори кои не очекуваат на пролет, па да се оди на распишување на нов оглас.

Валентина Вурмо

Поврзани новости