Владата на денешната седница донесе одлука за разрешување на службеното лице Ристо Чулаковски, член на Управниот одбор – претставник на основачот на Државниот студентски дом „Кочо Рацин“ – Битола поради постоење на судир на интереси.
Одлуката, како што информираат од Кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски, е донесена по доставената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), која, како што велат, беше разгледана и е постапено од страна на Кабинетот на Николовски.
-Од формирањето на новата Влада, секоја пристигната иницијатива од ДКСК до Владата, внимателно и детално се разгледува и се постапува по неа. Борбата против корупцијата и криминалот, е меѓу клучните приоритети во владината рамка „Акција 21 – европски стандарди дома“, поточно втор по ред приоритет за оваа 2021 година, и во целиот процес е најважна соработката со сите надлежни антикорупциски институции, со независните тела, невладиниот сектор, бизнис заедницата,посочуваат од Кабинетот на Николовски.
Владата, додаваат, покажува комплетна насоченост и почитување кон сите независни тела во државата, а пред се, кон Државната комисија за спречување корупција, како една од клучните институции во откривањето и спречувањето корупција.
-Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, оддржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, ги разгледува и постапува по сите пристигнати иницијативи од ДКСК, потенцираат од кабинетот на Николовски.