Владата денеска го промовираше новиот портал www.data.gov.mk каде ќе има отворени податоци од државните институции.
На овој портал веќе има 111 сетови податоци од 42 институции. Дел од овие податоци се нови, а дел веќе биле достапни до јавноста.
Целта на Владата е да им овозможи на граѓаните и бизнис секторот со своите идеи и вештини на различни начини да ги комбинираат, анализираат и презентираат податоците од податочните сетови.
-Преку порталот за отворени податоци сакаме да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси, изјави министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски.