Владата на Република Македонија, на денешната седница, меѓу другото, донесе одлука за итно решавање на проблемот со депонијата во Струга. За таа цел, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на владата добија задолжение да обезбедат финансиски средства со кои треба да се обезбедат услови за безбеден и економичен транспорт на сметот од струшката депонија до други безбедни депонии во Република Македонија.
Во однос на оваа точка од дневниот ред, беше истакнато дека во тек е ангажман на лица за обезбедување и надзор кои ќе ја надгледуваат целата локација, за да превенираат и спречат можни идни проблеми.
Владата на Република Македонија разгледа и усвои информација за статусот на проектот „Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход“, проект финансиран од ИПА фондовите, чие спроведување ќе придонесе за олеснет начин на комуникација на Управата за јавни приходи со даночните обврзници и ќе се поедностави начинот на пресметка и наплата на персоналниот данок на доход. Проектот предвидува и намалување на административните процедури и трошоци, а беше нагласено дека од ваквиот нов пристап се очекува зголемена наплата на персоналниот данок на доход за околу 50 отсто.
Владата на Република Македонија го усвои и Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2017, по завршената амандманска расправа во собраниските комисии. Со овој предлог за измени и дополнувања на буџетот, се определуваат дополнителни 25 милиони денари по одредени ставки и се пренаменуваат финансиски срседства согласно потребите на буџетските корисници.