Македонската Влада денеска ја одржа втората седница на која се донесоа повеќе одлуки, меѓу кои одлука за укинување на економските директори на Клиниките и одлука за именување на раководни кадри на пет државни институции.
На позицијата ВД директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони е назначен Гоце Димовски. Димовски е доктор на науки, докторирал на тема „Улогата на странските директни инвестиции на перформансите на малите и средни претпријатија во Република Македонија”. Тој има долгогодишно работно искуство во институции и компании.
Владата го назначи Александар Пандов за нов ВД директор на Управата за извршување на санкции. Пандов е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Бил пратеник во македонското собрание од 1998 до 2002 година. Пандов има работно искуство во приватниот сектор.
За ВД директор на Фондот за здравствено осигурување, владата го назначи Сашо Клековски.
Клековски завршил Медицински факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и МБА академска програма на УАЦС. Тој има триесет годишно искуство како менаџер, аналитичар, консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Основач е и член на органи на повеќе граѓански организации, а соработувал со голем број на граѓански организации, мрежи и платформи од различни подрачја.
Владата го назначи Оливер Миланов за ВД директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Миланов завршил Стоматолошки факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Миланов има работно искуство во делот на безбедност на храна, а доаѓа од позицијата ВД раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенција за храна и ветеринарство.
Владата му препорача на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ да го избере Здравко Трајанов на ВД директор на „Национални шуми“.
Со оглед на тоа што досега објектот на Владата е опркужен со нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на МВР, Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи СОЗР да започне постапка за враќање на оградата на Владата која веќе еднаш беше поставена.
Истовремено директорот на СОЗР Ивица Томовски информираше дека оградата била несоодветно чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе направат и дополнителна проценка.
Воедно, согласно измени на законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, Владата донесе одлука за укинување на економските директори во јавните здравствени установи, односно ќе се укине постоењето на две управувачки позиции – организациски и медицински директор кои досега беа присутни во здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите.
На овој начин ќе се одбегне дуализмот и прецизно ќе се лоцира одговорноста во менаџирањето на институциите. Исто така на овој начин се исполнува уште едно ветување од програмата на Владата.