Владата денеска ги објави пораките што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му ги праќал на генералниот секретар Драги Рашковски и го повика да престане да врши притисок врз институциите.
-Имено, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како “срамота”, а луѓето кои ги организираат активностите како “лопови” и во исто време клеветејќи за “добивање провизии“ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз. Владата на РСМ, во име отчетноста и отвореноста која секојдневно ја применува во својата јавна комуникација, во целост ја објавува комуникацијата со која Христијан Мицкоски комуницирал со Драги Рашковски, како и сите информации, постапки и договори преку кои се врши организацијата на превозот за нашите граѓани од земјите во странство до Северна Македонија, транспортот од аеродромот до објект/хотел утврден како државен карантин и сместувањето во државниот карантин. Владата го повикува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски внимателно да ги погледне презентираните факти, да престане да врши притисок врз институциите, да престане да шири клевети дека помошта за граѓаните е срамотна и да ги употреби партиските ресурси кои се дел од техничката Влада и кои гласале ЗА ваквата помош за граѓаните, за вистински да помогне на земјата и на народот во овие тешки времиња, велат од Владата.