Аргументите на Владата, со кои сакаат да го сменат републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, се незаконски. Поточно, денеска од Владата соопштија дека на владина седница донеле одлука да го задолжат Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител, но нивните аргументи не се содржани во законската регулатива која го уредува начинот на разрешување на државниот јавен обвинител.
-Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој ние функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава, порачаа од Владата.
Потоа портпаролката Марија Митева ги образложи ,,аргументите” за владината одлука.
-Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес и каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството.
Дополнително последното именување за вршител на должност Шеф на Вишото Јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишана во Законот за јавното обвинителство, истакна Митева.
Но и покрај желбата на Владата да го тргне Коцевски од чело на обвинителството, законската процедура за негово разрешување не ги вклучува посочените ,,аргументи” на Владата.
Точно е дека Собранието може да го разреши пред истекот на неговиот мандат по предлог на владата, но само под одредени услови. Владата, претходно треба да има добиено мислење од Советот на јавните обвинители, и тоа ако постои една од причините, ако е член на политичка партија или ако стори потешка дисциплинска повреда во своето работење.
Под потешка дисциплинска повреда се мисли на следново:
– потешка повреда на јавниот ред и мир,
– ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси,
– прекршување на правилата за изземање,
– ако е правосилно осуден на казна затвор до 6 месеци поради дејствија при вршење на службата,
– ако неовластено издава класифицирани информации и
– ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка.
Инаку, не е точен аргументот на Владата дека на вчерашната седница Советот на јавните обвинители избрал в.д. шеф на Вишото скопско обвинителство. Како што информираше Советот, избран е раководител кој мора да биде поставен поради суспензијата на обвинителот Мустафа Хајрулахи.
-На седумнаесеттата седница одржана на ден 10.02.2025 година со почеток во 10:30 часот, по усвојувањето на дневен ред, по однос на точка 1 од истиот, разгледување на состојбите во Вишото јавно обвинителство Скопје, се отвори дискусија и се утврди потребата од определување на јавен обвинител кој ќе раководи со работата на Вишото јавно обвинителство Скопје за време додека трае оддалечување од вршење на функцијата на Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи. При тоа Советот едногласно одлучи јавниот обвинител во ВЈО Скопје, Наташа Крстевска Цалева да раководи со работата на Вишото јавно обвинителство Скопје во наведениот период, информираа од Советот на јавните обвинители.
Истата ваква ситуација имаше и пред речиси три години, кога поради суспензијата на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, Советот за раководител го постави обвинителот Трајче Пеливанов.
Републичкиот обвинител Коцевски е речиси на почетокот на својот шестгодишен мандат, бидејќи беше именуван во февруари минатата година.
Тој, неодамна, по секојдневните притисоци од премиерот Христијан Мицкоски, испрати порака до власта дека самиот нема да се повлече од позицијата.
– Тоа во ниту еден момент нема да се случи! Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавно обвинителската организација. Тоа и ќе го направам, изјави неодамна Коцевски.