Приватните превозници најавуваат дека од утре ќе возат само еднаш наутро и дека ќе биде пуштен еден автобус на една линија. Бараат исплата на долгот кон нив и зголемување на цената за превоз, која како што велат, е ниска и е од 2017 година.
Владата пак не го прифаќа барањето на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за набавка на нови 250 автобуси што беше едно од нејзините ветувања, поддржано од ВМРО-ДПМНЕ.
-На Скопјани им треба брзо решение за излез од состојбите, а ова што го бара Арсовска е процес на набавка на автобуси што трае година до година и пол. Пред Данела Арсовска да нуди дека парите за нови автобуси ќе ги ставела на посебна сметка, прво нека си ги плаќа ратите за автобусите кои ги набави Шилегов, за да не и ги плаќа Владата како што плаќа досега. Второ, Данела Арсовска треба да ги исплати парите кон приватните превозници кои им ги должи, а со чие функционирање се пополнува празнината на ЈСП со градскиот сообраќај, велат од Владата.
Оттаму посочуваат дека Арсовска пред Владата и пред јавноста ветила дека ќе достави план за излез од состојбите во градот, а дека план нема.
– Арсовска бараше програмите да бидат изгласани. Ние тврдиме дека за успешен град Скопје не е клучно гласањето на програмите, туку ефикасен менаџмент. Програмите се изгласани, а Арсовска сега смислува ново алиби за својата неуспешност, се вели во одговорот од Владата.
Во четвртокот, градоначалничката на Град Скопје испрати отворено писмо до Владата во кое ја повика Владата да ја спроведе набавката на новите автобуси, а доколку немаат средства за таа намена, како што наведе, со одлука на Советот на Град Скопје, ќе ги префрлат потребните средства за набавката.
На денешниот одговор од Владата, има нов одговор и од Арсовска. -Добро е што наместо конструктивност, од Владата одлучија да се служат со селски итроштини. Повторно врз грбот на граѓаните на градот Скопје и вработените во градските институции.
Понудивме конкретни решенија кои доколку Мицкоски ги прифатеше ќе значеа дека навистина се грижи за Скопје и скопјани. Вака само докажа дека го интересира како да произведе конфликт со надеж дека политички ќе капитализира, се вели во реакцијата од Град Скопје.
Тие тврдат дека ратата за кредитот со кој ВМРО-ДПМНЕ и Шилегов набавиле автобуси е платена во текот на изминатата недела. Од сметката на Град Скопје префрлени биле средства на Министерството за финансии.
-Втората лага е дека нема да возат приватните превозници. Имено, од трите пакети со кои оперираат приватни превозници нема да возат само оние автобуси чии претставници се политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ да креираат дополнителен хаос за скопјани, а за кои градот Скопје отпочна постапка за надомест за штета. Со ова повторно се докажува намерата на оваа власт за предизвикување на хаос врз грбот на граѓаните на градот Скопје, тврдат од Градот.