Владата не очекува мигрантски бран од Русија

by Фокус

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека не очекува мигрантски бран од Русија во земјава, по големиот број на руски граѓани кои од четвртокот ја напуштаат земјата поради одлуката на претседателот Владимир Путин за делумна мобилизација на резервните сили за потребите на војната во Украина.

-Јас не очекувам кај нас некаков бран од Русија, со оглед на тоа што ние немаме конекции со Русија така како што имаат некои други држави – рече Ковачевски.

Прашан дали властите во земјава размислуваат за укинување на визите за руските граѓани да можат да преминат во Македонија, Ковачевски изјави дека нема таков предлог во моментов.

-Украинците имаат третман согласно меѓународните организации на кои ние сме членови за згрижување бегалци од војна и ние сме ги донеле сите потребни одлуки во однос на згрижување, постојано или згрижување во транзит, бидејќи дел доаѓаат и потоа заминуваат во други земји, така што тоа е третманот. Овде вашето прашање е насочено кон нешто сосема друго, за руски граѓани кои одат во држави каде што имаат директни летови. Кај нас нема директни летови – вели премиерот.

Поврзани новости