Од Владата одбиваат да коментираат за текстот со предлози што грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас, како што рече, пред неколку денови го испратил во Скопје. На прашањето дали е пристигнат таков текст и кој е ставот на Владата по однос на предлозите, од таму велат дека немаат ништо специфично да додадат.
-Нема да коментираме информации објавени во медиумите. Преговор течат во посредство со медијаторот Метју Нимиц. Кога ќе има информации од интерес за јавноста ќе ја пласираме официјално и транспарентно – вели за „Фокус“ владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.
Тој додава дека Владата се уште ја чека официјалната потврда за посетата на Коѕијас.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, Коѕијас, во изјава за државата телевизија ЕРТ, одговарајќи на прашањето дали при посетата на Скопје ќе ја однесе и грчката нацрт спогодба, вели дека предлозите од Атина се веќе испратени.
-Да ви дадам нешто ексклузивно. Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПЈРМ, така и за идна агенда на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе денови во Скопје, рече шефот на грчката дипломатија во изјава за државната телевизија ЕРТ.