Владата на Заев ги разочара архивистите, обвинителите ја добија нивната зграда

by fokus

Нова зградата за Државниот архив е инвестиција која државата треба сериозно да ја разгледа од причина што изградбата на таков објект би чинела неколку милиони евра. Сепак Владата одлучи на тој начин да го решава проблемот за да се заштити нациналната документација од поплави и протекување. Од таму велат дека одлуката е дефинитивна.

Барокниот објект покрај кејот на Вардар е најскапата зграда од проектот „Скопје 2014“ и чинеше 42 милиони евра. Се покажа дека е нефункционална, фалична и фушерски изведена, па не е јасно каде отидоа тие милиони. Сомнежите ги разгледува Финансова полиција, а и Јавното обвинителство. Но спорно е тоа што при две згради, Владата одлучува да изгради трета.

Архивистите се незадоволни од ваквата одлука. Во Архивот денеска владее разочараност затоа што за нив единствено прифатливо решение е и најрационалното, да се вратат во својата матична зграда.

-Нова зграда не е решение, посебно во оваа сиромшатија. Освен тоа ќе се гради со години, прво проект треба да се прави, а прашање е дали ние имаме стручни лица да го направат тоа. Зградата која ја имавме била градена од експерти од Швајцарија. Ние не се боревме за канцелариите, туку за депото. Требаше документите да се спасат, за тоа апелиравме. Нема потреба од нова зграда, при наменско депо кое го имаме во старата – вели Сузана Стамболиска, раководител на инспекција при Државниот архив.

Директорот, Кирил Петров, го критикува ваквото решение, но вели дека се е подобро од просториите во Археолошкиот музеј.

-Сега веќе е излишно да се коментира, но очигледно е дека нема да се враќаме во стариот објект. Разочаран сум но кога веќе не можеме да се вратиме, можеби изградбата на нов објект е најпаметно решение, затоа што вака не бива. На Архивот му треба наменски простор. Тоа, да, ќе чини многу пари и време, но што да правиме, мораме да се прилагодиме на одлуките на Владата – вели Петров.

Со ова им се тргаат сите препреки од патот на јавните обвинители од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Тие ќе ја добијат зградата, која им ја ветила Владата на Никола Груевски. Останува неодговорено прашањето, што ќе му е на едно одделение од Републичкото јавно обвинителство толкав простор, изграден наменски за Државниот архив кој таму континуирано функционирал изминативе неколку децении.

Маја Васева

Поврзани новости