Од Министерството за култура ги негираа обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека министерот Алаѓозовски избркал тројца од вработените во министерството.
„Пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во Министерството за култура биле вработени 51 лице, од кои 49 државни службеници. Во моментов во Министерството за култура се вработени дури 159 административни службеници и едно лице како помошно техничко лице – возач“, соопштуваат од Министерството за култура, по нападите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е точно дека министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, денеска избркал од работа тројца вработени професионалци од Министерството за култура, противправно прекинувајќи им ги законските договори, кои траат до крајот на годината. Имено, не се работи за административни службеници во редовен работен однос туку за лица што биле ангажирани со договор на дело како надворешни соработници“, соопштија од министерството.
Тројцата службеници на кои им биле прекинати договорите биле ангажирани во одделенија во кои веќе има доволен број редовно вработени административни службеници.
„Државната администрација треба да биде во служба на граѓаните, а не товар врз нивниот грб“, соопштуваат од Министерството за култура.