На дневниот ред на денешната седница Владата ќе ја разгледа информација во врска потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија.
– Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.
На оваа Владина седница треба да ја разгледа и информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата, органите на државната управа, други органи и организации што имаат јавни овластувања, во октомври, ноември и декември 2017 година.
Министрите во Владата на седницата ќе се произнесат и по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица.
На предлог на Министерството за финансии на денешната седница ќе се разгледа и предлог-решението за формирање Комисија за следење на развојот на системот за финансирање на општините.
На оваа седница Владата се очекува да го даде своето мислење за предлозите за измени и дополнувања на законските решенија за технолошките индустриски развојни зони и за Законот за здравјето на растенијата, кои доаѓаат како предлози од Собранието на Република Македонија, кое од оваа седница очекува и мислење од Владата за годишниот извештај за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2017 година.
Од годишните извештаи на денешната седница на Владата ќе биде разгледан и Годишниот извештај за работата на Управата за финансиско разузнавање во 2017 година.
На денешната, 63 редовна седница, која се очекува да започне напладне, ќе бидат разгледани и повеќе други точки на дневниот ред од интерес на граѓаните и од програмата за работа на Владата, наведуваат од Владината прес-служба.