Владата на Обединетото Кралство упати честитки до премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за постигнувањето на историски договор за прашањето за името што беше потпишан на 17 јуни, како и за неговата ратификација во македонското Собрание.
– Обединетото Кралство ја поздравува и ратификацијата од страна на Парламентот во Скопје на 20 јуни и ги поттикнува сите лидери, политички партии и граѓани во двете земји да ги согледаат придобивките што ќе ги донесе решението на овој долготраен спор, се наведува во соопштението од Британската Амбасада во Скопје.
Британија, како што посочуваат од Амбасадата, смета дека решавањето на прашањето за името ќе го отвори евро-атлантскиот пат, вклучително и преговори за членство во ЕУ и НАТО, за што се залагаа низ годините владите во Скопје. Ќе се отворат, се додава, и значајни можности за двете земји и пошироко за регионот, преку зајакната безбедност и просперитет.
– Вакво значајно постигнување немаше да биде можно без огромна политичка храброст, визија и лидерство што ги покажаа премиерите Ципрас и Заев. Решавањето на ова прашање ќе донесе огромни придобивки за двете земји и за регионот. Како долгогодишен пријател, ќе продолжиме да ја поддржуваме Македонија на нејзиниот евро-атлантски пат, како и стабилноста и просперитетот што ќе и го донесе на земјата и регионот, истакна премиерката Тереза Меј во писмото до премиерот Зоран Заев на 21 јуни.