Конзервативната влада на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го преживеа гласањето за доверба. По тридневна дебата, пратениците во парламентот во Атина вчера се изјаснија против барањето на опозицискиот лидер Алексис Ципрас за соборување на актуелната влада. Доверба на владата ѝ дадоа 156 пратеници, а 142 беа против.
Резултатот од гласањето беше очекуван. Владеачката партија Неа Демократија има 157 од вкупно 300 места во парламентот.
Алексис Ципрас, шеф на левичарската партија Сириза, побара гласање за доверба на владата по снежниот хаос во и околу Атина на 24 јануари и неколкуте денови потоа. Тој ја обвини владата за неспособност. И покрај тоа што метеоролозите со денови најавувале голем снег, владата не успеала да ги заштити луѓето, рече Ципрас во образложението на своето барање.