Владата на Република Бугарија на денешната редовна седница го одобри текстот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија, соопшти прес-службата на Владата во Софија.
Според Борисов, посетата на премиерот на Македонија Зоран Заев на Софија и изразениот став кон заедничката историја е прв чекор во напорите за изградба на нов дух во односите со соседите.
„Европската унија го оцени договорот како прв чекор и нов почеток за развој на европската перспектива на Македонија“, изјавил Борисов.
Според него, со потпишувањето на договорот ќе биде отворена нова страница во односите меѓу двете земји и ќе се востановат односи на искрено пријателство.
Очекуваните резултати од потпишувањето на договорот треба да бидат соработка на билатерален и на меѓународен план, унапредување на транспортните врски и комуникации, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, како и за олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете земји, се наведува во соопштението од прес-службата на бугарската Влада.