Од Владата не откриваат кој се пријавил на огласот за нов државен правобранител, иако рокот за пријавување истече пред речиси пред три месеци, односно на 12 септември. „Фокус“ ги побара имињата на пријавените кандидати, односно оние кои сакаат да седнат во фотелјата на разрешениот правобранител Фехми Стафа, но од Владата оваа информација безмалку ја кријат како државна тајна. Првично за одговор не препратија во Министерството за правда.
-Согласно Законот за државното правобранителство, државниот правобранител го именува Владата на Република Северна Македонија по предлог на министерот за правда. Комплетната документација на апликантите е доставена до Министерството за правда со цел постапување согласно одредбите од законот, ни одговорија од Владата.
Оттаму дополнуваат и дека веднаш штом ќе извршиле избор на државен правобранител благовремено ќе ја информирале јавноста.
-И согласно законските прописи решението ќе биде објавено во Службен весник, велат од Владата.
„Фокус“ се обрати и до Министерството за правда, но оттаму ни посочија дека Владата го објавува огласот, па од тука и таа е надлежна за информацијата која ја бараме.
-Според Законот за заштита на личните податоци, член 4, Контролор е тој што го објавил огласот и тој кој ќе го изврши изборот. Оттука произлегува и надлежноста за откривање на личните податоци на кандидатите. Во конкретниот случај Контролор е Владата а не Министерството за правда, ни одговорија од Правда.
Оттука повторно побаравме информации од Владата, инсистирајќи да ни ги достават имињата на сите кандидати кои конкурирале, а не само предлогот кој ќе го добијат од Министерството за правда. Но, од таму уште еднаш одбија да ги откријат имињата, кои се борат за државна функција, со изговор дека тоа не можат да го сторат во оваа фаза од постапката.
-Владата на Република го објави огласот за избор на државен правобранител и на истиот имаа право да аплицираат сите заинтересирани лица/граѓани. Со цел да не се влијае на текот на постапката и да не се влијае на изборот со што некој од кандидатите би се довел во поповолна или во понеповолна положба, во овој момент не може да се објават имињата на кандидатите кои аплицирале на огласот, ни посочија од Владата.
Оттука останува нејасно зошто Владата ги држи во тајност кандидатите, бидејќи не станува збор за класифицирани информации, туку за имиња на граѓани кои сакаат да станат државен правобранител, односно претендираат за јавна државна функција.
Според објавениот оглас државен правобранител може да биде лице кое исполнува неколку услови и тоа:
-Да е државјанин на Република Северна Македонија, да е дипломиран правник со работно искуство на правни работи најмалку осум години по положен правосуден испит и да ужива углед за вршење на функцијата.
Инаку кон крајот на август Владата го разреши правобранителот Стафа и тоа без да ја откријат причината. Од правобранителството пак истиот ден излегоа со соопштение дека Стафа си поднел оставка поради лични причини.
Валентина Вурмо