Министерството за финансии преку две аукции на државни записи и обврзници, закажани за 3 септември, планира да се задолжи за вкупен износ од четири милијарди денари или 65 милиони евра. На аукцијата ќе бидат понудени 15 годишни државни обврзници во износ од 24,3 милиони евра со каматна стапка од 5,6%. На втората аукција ќе бидат понудени едногодишни државни записи во износ од 40,7 милиони евра со каматна стапка од 3,8%, објави Левица.
-Македонија подолг период е влезена во циклус на задолжувања, и во времето на СДС и сега за време на владеење на ДПМНЕ и ЗНАМ со што јавниот долг секојдневно руши рекорди. Износот на јавниот долг, заклучно со 31 март оваа година достигна неверојатни 8,76 милијарди евра. Состојбата станува неодржлива бидејќи од година во година се задолжуваме сѐ повеќе, а долгот за враќање ги чини македонските граѓани сѐ поскапо. Проекциите до крајот на 2024 година се дека јавниот долг ќе достигне ниво од 61,7 проценти од БДП.
Владата на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ уште на почетокот на својот мандат започна со задолжувања! Со ваквите постапки, не само што со ништо не се разликуваат од претходната, клептоманска власт на СДС и ДУИ, туку докажуваат дека не се поучиле ниту од грешките кои ги направи владата на Груевски. Веќе видено е сценариото кога се во опозиција да плукаат по грешните потези на власта, а кога се власт да ги практикуваат истите тие грешни потези, велат од партијата.
Партијата предлага целосна ревизија на јавниот долг, како и покренување на постапка за одговорност и рефундација од надлежните функционери кои недомаќински и расипнички трошеле за време на нивниот мандат.
-Исто така, сметаме дека не треба да се креира нов јавен долг за тековни трошења, туку само за капитални инвестиции како и воведување на горна дозволена граница од максимален јавен долг од 60% од БДП, како европски стандард. Овие предлози, како и запирање на непродуктивните буџетски расходи и ограничување на максималниот буџетски дефицит, се дел од програмата на Левица, велат од партијата.