На денешната седница на Владата треба да се одлучува за новата предложена мерка за финансиска стимулација на матичните лекари доколку бројот на нивните вакцинирани пациенти против ковид-19 надмине 70 проценти.
„Истражувавме и изминативе два-три дена и ќе предложиме една нова мерка до Владата, а тоа е посебна стимулација за матичните лекари. Односно, матичните лекари да бидат финансиски стимулирани кога ќе надминат 70 проценти на вакцинација од вкупниот број на прикрепени пациенти да бидат наградени со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти кои се запишани кај нив. Има уште некои аспекти кои тука треба да се разгледаат, но мислам дека тоа е предлогот со кој ќе настапиме во вторник пред Влада“, изјави претходно министерот за здравство Венко Филипче.
Вчера Комисијата за заразни болести донесе одлука да не се воведат нови рестриктивни мерки во земјата поради појавата на новиот сој на коронавирусот, омикрон.
Светската здравствена организација соопшти дека прелиминарните докази сугерираат оти новиот вид носи поголем ризик од повторна инфекција.
Последните податоци објавени од Министерството за здравство, покажуваат дека заклучно со 26 ноември во државава вкупно се вакцинирани 828.770 граѓани, ревакцинирани се 794.666, а трета доза примиле 70.937 граѓани. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215.009, на оздравени пациенти е 199.064, а на починати е 7.547.