Навистина треба да се цени и вреднува работата на професорите, но мора да ги имаме предвид и состојбите во државата во услови на економска криза.
Ова на раководството на Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ му го посочиле премиерот Димитар Ковачевски и министрите за финансии и за образование и наука, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири на денешната средба во Владата.
Тема на состанокот, наведува Владата во соопштението, беше барањето на Синдикатот на УКИМ за зголемување на платите на професорите и потпишување посебен Колективен договор за УКИМ, независно од постојниот Колективен договор со СОНК, потпишан минатата година.
Како што информираат од Владата, на претставниците на Синдикатот на УКИМ, предводени од неговиот претседател Ангел Ристов, им беше посочено дека во изминатите четири години платите на вработените на универзитетите се зголемени за вкупно 20 отсто, односно 5 отсто од септември 2019 година, 8 отсто од септември 2021 година и 7 отсто од септември годинава.
-Исто така, од страна на премиерот и министрите беше посочено дека ќе се направат детални анализи и пресметки за да продолжи зголемувањето на платите во високото образование и наука и следната година, но беше и побарано од Синдикатот да се направи реорганизација на факултетите и воведување нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високообразовните установи – велат од Илинденска.