Македонската Влада ќе набавува нови возила, меѓу кои електрични и хибридни. Но, набавката ќе се планира во следниот буџет.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека сите институции се задолжени да направат попис на потребите на возила.
– Второ што сакаме да направиме е да имаме поинаков пристап преку оперативен лизинг да ги намалиме трошоците за нивно одржување и на тој начин да обезбедиме нова флота на возила, меѓу коишто сигурно ќе има и такви електрични возила, хибридни итн. Возила со коишто сигурно нема да биде мисијата на лоши честички, онаква каква што е сега и очекувам дека набргу тоа ќе го направиме. Но секако не оваа година, бидејќи тоа мора да биде предвидено во буџетот за следната година, вели Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека и преку инвестициите во енергетиката планот е Македонија да биде енергетски независна во делот на увозот на електричната енергија, а го најави и носењето на новиот Закон за енергетика.
Тој додаде дека со инвестицијата на компанијата „Алказар“ во производство на енергија од обновливи извори на енергија очекува да се произведува струја некаде еден терават час.
– Еден терават час е отприлика, колку што е 25% од вкупното производството коешто го имаме како држава и со еден еден терават на час ќе дојдеме до би рекол на чекор до независност, а во периодот којшто следи со носење на новиот Закон за енергетика, каде што ќе бидат предвидени батериски системи и слично, мислам дека во следната веќе 2025, почетокот на 2026 година би можеле да зборуваме за портфолио на државата увоз-извоз нула. Што значи дека ќе ја направиме Македонија енергетски независна од делот на увоз на електрична енергија, изјави Мицкоски.