Мандатарот Димитар Ковачевски вчера ја достави владината предлог-програма до Собранието. Во неа има дел кој се однесува на поседувањето и тргувањето со криптовалути.
Тие досега не беа забранети во Македонија, но нема закон со кој се регулира нивната употреба. Идната влада планира да донесе закон за нивна регулирација, со кој ќе се воведе и оданочување.
Сакаме да се приклучиме на новите глобални текови, кои сериозно прогресираат и во најразвиените финансиски системи. Владата на Република Северна Македонија ќе им овозможи на граѓаните кои поседуваат биткоини или други стабилни криптосредства да ги разменуваат на легален начин, а домашните компании да вршат трговија кон странство во криптосредства кон своите добавувачи, стои во владината предлог-програма.
Според неа, ќе се носи законско решение кое Владата и Министерството за финансии ќе го изработат во соработка со Народната банка и во консултација со комерцијалните банки во државата, а ќе бидат консултирани и релевантни експерти на оваа тема.
Формалното решение ќе ги следи регулативите и препораките на Европската Унија за регулирање на пазарот на крипто средствата. Во овој контекст ќе се воведуваат и решенија за заштитни механизми против евентуални злоупотреби, како и во однос на спречување на перењето пари и намалување на неформалната
економија.
Формализацијата на тргувањето со криптовалути ќе донесе и даночен прилив во економијата на Северна Македонија на долг рок, а ќе ги привлече и потенцијалните криптоинвеститори од светот. Секако дека за тие што ќе решат да користат криптосредства останува препораката претходно добро да се информираат за природата на криптосредствата, како и пазарниот ризик што го носат тие како инвеститори во криптосредства, стои во програмата.
К.С.Б.