Долговите за неплатена струја на институциите кои се од витално значење ќе ги покрие Владата, согласно прераспределбата поднесена и одобрена во Собранието. Ова пред сè, се однесува на здравствените институции но и други институции кои се од важно значење за државата, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Целта е, додаде, да се обезбеди непречено функционирање на институциите во услови кога цената на електричната енергија на слободниот пазар е десет пати поголема од она што била пред кризниот период.
Како што рече, станува збор за прераспределба на средства кои беа на располагање на непотрошени ставки во буџетот, или таму каде што сметале дека нема потреба да се прават расходи во време на криза, односно да бидат пренаменети за најпотребните и најнеопходни издатоци.
-Што се однесува до електричната енергија која што ја должат голем број на витални институции, таа ќе биде платена со оваа прераспределба од страна на Владата, со соодветно префрлање на финансиските средства. Тоа пред се, се однесува на здравствените установи и на други установи кои извршуваат витални функции. Прераспределбата е и за разни други сегменти во делот на капиталните инвестиции, во делот на други категории, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање, по доделувањето на социјалните станови на граѓани во Пробиштип.