На спортските натпревари, грбовите на општините, спомениците и било кои други јавни површини од ова недела не смее да се употребува „Сонцето од Вергина“, односно првото знаме на независна Македонија. Ова го предвидува договорот од Преспа.
Со Преспанскиот договор, македонската Влада се обврза симболот од Кутлеш (Вергина) да биде тргнат, а на спомениците што упатуваат на тој период да бидат истакнати ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација. Владата донесе одлука со која им препорача на општините да ја почитуваат обврската.
Општините кои во своите општински обележја го имаат Сонцето од Кутлеш ќе мора да ги сменат, а секое кршење на законот и непочитување на одредбите предвидува и санкционирање, вели министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Оваа недела Сонце од Вергина го снема од шахтите на плоштадот Филип Втори. По насоките од Владата за почитување на одредбите од Прспанскиот договор.
Сонцето од Вергина го има на споменици во центарот на Скопје, на шахти на водовод, на подземна електрика, на плочници во Скопје и други градови во земјава, спортски сали и игралишта, а го има и на неколку општински знамиња и грбови. Највпечатливо беше тоа на тепихот во кабинетот на директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кое по потпишувањето на Договорот од Преспа е отстрането.