Советот на Град Скопје денеска со 26 гласа „за“, односно со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ја изгласа иницијативата за Владата да ја преземе Универзална сала.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, треба во рок од 7 дена да изготви одлука за предавање на Универзална сала на Министерството за култура.
-Се задолжува градоначалникот на Град Скопје во рок од седум работни дена да подготви предлог-одлука за времено отстапување на Универзална сала на Министерството за култура и тој предлог да го достави до Советот на Град Скопје на првата наредна седница. Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура, стои во заклучокот по гласањето на иницијативата.
Универзална сала почна да се реновира во септември 2021 година во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, но градежните работи беа прекинати по доаѓањето на Арсовска.
Првиот обид времено Владата да ја преземе Универзалната сала пропадна во март годинава кога за Иницијативата гласаа 15 советници, шестмина беа против и четворица беа воздржани.