Владата на вечерашната седница ја отпочна постапката согласно препораката од Советот на безбедност за прогласување кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија за ефикасно справување со последиците од кризата заради КОВИД-19.
„Во таа насока, согласно Законот за управување со кризи на вечерашната седница Владата донесе решение за изменување на Решението за именување членови на Групата за процена, со кое за членови на оваа група се именуваат Стојанче Ангелов, вршител на должност директор на Центарот за управување со кризи и Беким Максути, вршител на должност директор на Дирекцијата за заштита и спасување“, соопштија од Владата.
Од таму додаваат дека со овие решенијата се овозможува да отпочне постапката за прогласување кризна состојба на целата територија на државата според мислење на Групата за процена, по што ќе следува предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи до Владата, по што таа ќе ја донесе одлуката за прогласување на кризна состојба.