Одлуката на Министерството за економија за маржите е веќе помината на владина седница, ќе имаме вакви акции, кои ќе траат еден месец, еден и пол месец, два месеца, во кои бруто-профитот ќе биде ограничен до ниво до 10 проценти за да не ни се случуваат удари по стандардот на граѓаните, ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски од Штип одговарајќи на новинарско прашање во врска со одлуката за замрзнување на маржите.
„Има таму стотици продукти што ќе бидат опфатени и така континуирано ќе носиме мерки со кои ќе се обидеме да го подобриме стандардот на граѓаните и да ја олесниме живејачката, која и така е тешка“, одговори денеска Мицкоски.
Тој додаде дека одлуката за ограничувањето на маржите е помината на владина седница, а се очекува да ја објасни и министерот за економија на прес-конференција.
Како што е најавено, со мерката ќе бидат опфатени 100-ина производи. Истата мерка се планира и во наредниот период, особено за време на празници.