Владата им се заблагодари на музичарите и најави за утре детален извештај

by fokus

Во 15 градови, со 40 музичари, со автентичен домашен звук, граѓаните ширум Македонија го прославија историскиот успех на земјава, добивањето покана за членство во НАТО и датумот за преговори со ЕУ, се вели во соопштение од Владата и за утре најавува целосен извештај за прославата.

„Граѓаните од целата земја излегоа слободно и прославија, на 15 настани кои обединуваат и со тоа ја поддржаа Македонија која се обединува и која оди во НАТО и ЕУ. Вредноста на историскиот момент е препознаена ширум држава, од Гевгелија до Гостивар, од Куманово до Струга“, се вели во соопштението.

Владата на Република Македонија изразува благодарност до општините за поддршката и помошта прославите да поминат во најдобар ред, а до музичарите благодарност за професионалниот однос и ангажман.

Во текот на утрешниот ден Владата ќе објави целосен извештај за организацијата на настаните.

„Македонија ја продолжува успешната приказна. Тоа е приказна за слободата, успехот, безбедноста и економскиот раст. Застануваме рамо до рамо со најсилните земји од Европа и светот, застануваме цврсто во одбрана на правото на сопствен став, осудуваме ширење омраза заради изразен став. Доаѓа време на подобар живот за сите граѓани, тука во нашата земја“, се вели во владиното соопштение.

 

Поврзани новости