Владата на денешната седница го усвои Предлог-законот за медијација и донесе одлука тој да биде испратен на усвојување во Собранието.
Целта на законот, како што информира владината прес-служба, е приближување на земјата кон Европската унија и со него се очекува да се овозможат услови за успешна примена во пракса, да се овозможи воедначена примена на законските одредби од страна на сите медијатори и да се промовира медијацијата и резултатите од нејзината примена.
На денешната 147. седница е усвоена и Информацијата врз основа на која се овозможува општина Сарај да ја започне постапката за изградба на спортско рекреативен центар во близина на селото Глумово, кој ќе го опфати и езерото Треска, и кој вклучува изградба на викенд населба, хотелски комплекс и спортско рекреативен центар за развој на еко туризам.
Владата ја усвои и Информацијата за Предлог-спогодбата со Република Србија за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во Србија и Северна Македонија
– Овие услови треба да помогнат во градењето на доверба помеѓу двете земји во однос на градењето на шемите за електронска идентификација кои ги користат, како и за меѓусебно признавање на средствата за електронска идентификација за безбедна електронска интеракција помеѓу граѓаните, претпријатијата и јавните органи со што ќе се зголеми ефикасноста на јавните и приватните електронски услуги, електронски деловни активности и електронското тргување, велат од Владата.