Владата и официјално го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Овој предлог ќе биде испратен до Советот на јавните обвинители од каде согласно законските одредби потребно е да се добие мислење, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Во мислењто на Министерството за правда се наведува дека Коцевски постапувал во предмети во кои имало судир на интереси и со тоа направил сериозни прекршувања на законот, се главните аргументи со кои владата бара негова смена.
„Овие дејствија со коишто се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство, со што е направена намерна или неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со коишто ќе побараме разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот”,рече портпаролката на Владата Марија Митева.
Коцевски претходно, коментирајќи го предлогот за негово разрешување порача дека ако се утврди тешка дисциплинска повреда, самиот ќе се повлече.
„Од она што досега го слушнав во јавноста, што да коментирам, само дека тука нема никаква дисциплинска тешка повреда. Одлуката ја оставам на политичарите, јас строго сум работел и се уште ќе работам согласно законот. Условите доколку се исполнети согласно законот за јавно обвинителство, стојам на тоа и нека ме разрешат. Меѓутоа, доколку не се исполнети условите за јавно обвинителство, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законски начин или на незаконит„, рече Љупчо Коцевски , јавен обвинител.