Владата на денешната седница го усвои Предлог планот 3 – 6 – 9, за спроведување на итните реформски приоритети важен за евро – атлантските интеграции на Република Македонија, како и за подигнувањето на квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија. За овој важен чекор што го презема новата Влада на Република Македонија за евро-атлантските перспективи на Македонија и на граѓаните, само месец по формирањето, ќе следува дополнително, конкретно известување на јавноста.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за подготовките за учество на делегација на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев на Конференцијата за Западен Балкан, на 12 јули во Трст. Станува збор за сериозни подготовки за настап на владината делегацијата на овој важен меѓународен настан, чијашто цел е забрзување на економскиот развој на земјите од Западен Балкан.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за изградбата на експресниот пат на делницата, клучка, Дреново – Градско, како дел од крак на патниот Коридор 10, предвиден како голем проект во рамките на Секторската оперативна програма за транспорт 2014 – 2020 година. Задолжено е Министерството за транспорт и врски во соработка со Секретаријатот за европски прашања, проектот за проширување на патната делница од Прилеп до мостот на Ленишка река и изградбата на трета лента на патната делница од Беловодица до каменоломот на Маврово, да го предвиди за финансирање во рамките на посочената програма.
Владата донесе одлука за испраќање четворица припадници на АРМ во вежбовна активност ЈСЕТ – 17 – 2 во Република Бугарија, од 18 до 23 јули. Констатирано е дека АРМ активно учествува во вежбовни активности во регионот и во Македонија, што се покриени од буџетот на Министерството за одбрана, со што се испраќа сигнал на определеност на Република Македонија да биде дел од меѓународни активности важни за безбедноста.