Владата на денешната седница одлучи да ги забрани онлајн игрите на среќа и коцкањето преку интернет, откако претходно Собранието изгласа автентично толкување на Законот за игри на среќа, според кои интернет и електронски игри на среќа може да организира „Државна лотарија“ самостојно или преку едно трговско друштво каде би имала мнозински пакет, а не да формира повеќе друштва, како што впрочем се случи пред промена на власта.
„Поради неправилности во работењето, пропусти и основани сомнежи за незаконско работење и постапување Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата во врска со потребата за престанување на Друштвото за приредување на електронски игри на среќа, Нова Државна видео лотарија НОВО ВЛТ ДОО – Скопје и друштвата за приредување интернет игри на среќа, Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – МОЗЗАРТ ДОО Скопје, Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – 77 БИТС ДОО Скопје и Друштвото за приредување интернет игри на среќа Државна лотарија – ВЕЗУВ ДОО Скопје, во кои содружник е Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија и преземање активности за отстранување на платформата 2Win.mk за приредување интернет (онлајн) игри на среќа на Друштвото за приредување на игри на среќа, Државна видео лотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА ДОО – Скопје“, соопштија од Владата.
Уште пред неколку дена, „Фокус“ објави дека Владата на денешната седница ќе го заокружи процесот за одземање на лиценците на приредувачите на онлајн-игри на среќа или популарно кажано – онлајн казина. За потсетување, во јули годинава, на предлог на Министерството за финансии, Владата одзеде и лиценци на 2 фирми за приредување на игри на среќа – една од Струмица и друга од Скопје. Во меѓувреме, беше раскинат и милионскиот договор на „Лотарија“ за закуп склучен со фирма на син на опозициски пратеник.
В.С.